18.4.2011

Препише, пропише, припише

сподели на пинг

Интересно е што во свеста на зборувачите една буква/глас може да изгледа безначајна. И покрај тоа што станува збор за зборови што би требало да се добро диференцирани бидејќи немаат ништо заедничко, освен коренот, практиката покажува дека сѐ уште се меша употребата на трите глаголи пропише, препише и припише (односно пропишува, препишува и припишува).

Најчето употребуван е глаголот препише, кој може да се сретне на местото на секој од другите два.


Зад препише (препишува) стојат следниве значења:

- повторно напише гледајќи веќе напишан текст

- со документ остави некому нешто што дотогаш било во негова сопственост


Примери:

Препишуваше на испитот и не го фатија.

Имотот му го препиша на синот.


Во Толковниот речник како едно од значењата е наведено и одреди лек за употреба. Ние сметаме дека во тоа значење треба да се употребува само префиксот про-, односно глаголот пропише, пропишува. Кога побаравме образложение зошто е прифатено ваквото значење, објаснувањето беше дека зборот со тоа значење е евидентиран во огромен ексцерпиран материјал, што значи дека зборувачите го употребуваат како таков.


Многу е јасно дека треба да се има предвид јазичната практика на зборувачите. Но, од друга страна, оваа употреба на препише многу потсетува на поедноставување на формите (односно на јазична економија), односно сведување на повеќе форми на една. Поради тоа, сметаме дека, кога веќе е евидентирано такво значење, наместо да биде објаснето, од него треба да се упатува кон пропише.


Пропише (пропишува), пак, значи:

- одреди лек за употреба

- одреди правило или пропис, издаде законски акт


Примери:

Лекарот му пропиша друга терапија.

Законот пропишува дека пушењето не е дозволено во затворени јавни простории.


Токму поради ваквото толкување на овој глагол, сметаме дека тој е единствениот што треба да се употребува во значење „одредува лек“.


Припише (припишува) значи:

- утврди поврзаност меѓу две нешта

- допише нешто кон друг текст


Примери:

Успехот им го припишаа на упорноста и на напорната работа.

Припиша уште неколку белешки под извештајот.


За жал, во практиката се среќава употреба на препише и во контексти каде што очигледно треба да стои припише.

Нема коментари:

Објави коментар