06.5.2011

Резонанца на дистанца

сподели на пинг

Посебен проблем на лекторите, а веројатно и на сите зборувачи, им задаваат именките што завршуваат на суфиксите -ца односно -ција. Не постои усогласен став и сѐ уште е предмет на дискусија дали треба да се употребува, на пример, референца или референција, резонанца или резонанција.


Тоа што може да се каже со сигурност е дека разликите во нивното приспособување на јазичните правила на македонскиот јазик се должат на временскиот период во кој навлегле и на честотата на употреба. Според нивното присуство во современиот јазик сметаме дека е невозможно да се подведат под едно правило, па го предлагаме следново групирање.


1. Во првата група ги вбројуваме именките на -ција што се одамна навлезени и многу фреквентни во јазикот: супстанција, секвенција, валенција (аналогно и преваленција). Тие се прифатени со овој суфикс и неприфатлива е формата со суфиксот -ца (на пример, супстанца).


2. Втората група ќе бидат зборовите што се речиси еднакво присутни во двете форми, со двата суфикси: референца/референција, резонанца/резонанција... Сметаме дека кај нив треба да се дозволат дублетни дорми, без насилно да се исфрла која било од двете.


3. Третата група се зборови што се среќаваат само во формата со суфиксот -ца (иако има обиди да им се наметне суфиксот -ција). Такви се на пример дистанца, инциденца, инстанца... Тука најчесто станува збор за поими што се навлезени во јазикот во релативно поново време или, пак, тогаш кога биле прифатени влегле и останале само во оваа форма (како дистанца). Дополнително, овие зборови и не се толку фреквентни во секојдневната практика, па можеби и затоа потешко го прифаќаат приспособувањето со суфиксот -ција.



За моменталната припадност на некој збор во некоја од овие групи можеме да се ориентираме според речниците. Но, бидејќи јазикот е жива материја, времето и практиката ќе ги искристализираат нештата во поглед на дублетите.

4 коментари:

  1. Анонимен06 мај 2011 17:27

    Јас имам една дилема што никој досега не ми ја разјаснил, па ако може да добијам ваше мислење...

    Во филмовите, сериите, документарците и слично(најчесто американски) се користат многу жаргонизми и сленг. Додека во литературниот јазик (јазикот на литературата) е дозволен нивен соодветен превод, во телевизиските преводи се внимава на користењето на стандардниот јазик (кој колку знае додуша :)

    Прашањето ми е, дали смее да се употребува сленг во телевизиски превод, нормално за да се долови колку што може повеќе смислата?

    ОдговориИзбриши
  2. Јазикот се состои од повеќе стилови - стандарден, разговорен, книжевен... Секој стил е соодветно да се употреби во соодветен контекст. Сленгот, дијалектизмите и слични особености што се надвор од стандардниот јазик не треба да се поим за грешка. Напротив. И во филм и во литературно дело и во новинарски текст дозволена е нивната употреба ако се во функција на текстот, на некаква поента и смисла.
    Замислете на пример, Get lost! да е преведено со „Оди си“. Смислата е „Губи се!“ (ова е само пример, важи општо).
    На сленгот не му е местото во официјални обраќања, во Собрание или во Влада и на други официјални случувања.
    Поздрав :)

    ОдговориИзбриши
  3. Анонимен06 мај 2011 18:51

    Фала многу Бисерка!
    Треба да наплаќаш за сите овие совети :))

    ОдговориИзбриши
  4. Спред мене, во медиумите треба да се трудиме да го користиме стандардниот јазик. Странските зборови како дистанца да се заменат со соодветно наши македонски зборови. Ова главно го зборувам бидејќи целта на јазикот, меѓудругото, е луѓето да се разберат меѓу себе, а зборовите како дистанца, куриозитет, прогрес, резистенција, хоспитализира итн. се повеќе од збунувачки за многумина па затоа законски да се забранат. Треба да има поголема критика кон прифаќањето на туѓи зборови и да не се дозволи влез на туѓ збор во нашиот јазик освен ако нема таков збор во диалектите или ако ниеден збор не е во можност да се „преобсмисли“...

    ОдговориИзбриши