09.5.2011

Заменик-министерката

сподели на пинг

Именките во македонскиот јазик што се составени од две именки, и притоа оформуваат нов поим, се пишуваат со цртичка.

заменик-министер

автомобил-бомба

нацрт-план

предлог-закон

пакет-мерки

жиро-сметка

Примери:

Во центарот на градот експлодира автомобил-бомба.

Заменик-министерката присуствуваше на отворањето на саемот.

Усвоени се новите пакет-мерки.

Родот и бројот секогаш се одредуваат според втората именка. Членот, исто така, го добива втората именка. Тука најчесто и настануваат грешките, кога многумина не обрнуваат внимание на тие правила. Па, имаме грешки од типот:

Заменикот-министер зборуваше на прес-конференција.

Или: Заменикот-министерот зборуваше на прес-конференција.

Пакетот-мерки беше усвоен.

Автомобилот-бомба експлодира во центарот на градот.

Примерите треба да гласат:

Заменик-министерот зборуваше на прес-конференција.

Автомобил-бомбата експлодира во центарот на градот.

Пакет-мерките беа усвоени.

Родот, бројот и членот се одредуваат според втората именка затоа што таа претставува центар на новиот збор, а првата именка само го дообјаснува поимот.

4 коментари:

  1. Анонимен09 мај 2011 15:27

    Едно прашање, зошто датумот го пишувате 09.5.2011
    нели треба да е 9.5.2011

    ОдговориИзбриши
  2. Анонимен09 мај 2011 16:39

    Дали тука спаѓа на пример: рудар-почетник или почетник-рудар, или пак ова треба поинаку да се каже, на пример почетник во рударството?

    ОдговориИзбриши
  3. @Anonymous1 Датумот е од платформата на блогот, мислам дека нема опција што е одговарачка на нашиот правопис, ама ќе провериме уште еднаш

    @Anonymous2 Рудар-почетник е поинаков тип пример, тука не станува збор за нов поим што се именува со сложенката, туку вториот елемент го дообјаснува првиот според некоја карактеритика. Ќе напишеме посебен пост и за оваа група, кај која се членува повторно главниот член во сложенката, а тоа овде е првата компонента (рударот-почетник,птицата-преселница...)

    ОдговориИзбриши
  4. Почитувани Бисерка Велковска и Маја Катарова,

    Повеќе од една година го следам вашиот блог и слободно можам да кажам дека сум повеќе од задоволен со целокупната содржина која ја имате на истиот. Сметам дека тоа е непроценливо богатство (кое вие го поседувате и пренесувате) и кое треба повеќе да е застапено преку вакви блогови, форуми, специјализирани веб-страници!

    Би сакал, во рамките на вашите можности и време, да ме удостоите со неколку одговори на моите дилеми кои ги имам во однос на правилното пишување на неколку зборови. Имено, ме интересира дали со цртичка или без се пишуваат следните: општествено негативна појава, општествено штетни, општествено деструктивна, општествено разорувачка/и, и општествено неприфатливи.
    Однапред се заблагодарувам за одвоеното време!
    Поздрав!

    ОдговориИзбриши