20.5.2011

Приготвува јадење, подготвува испит

сподели на пинг

Од досегашната практика, слободно можеме да кажеме дека на глаголот приготвува многу малку му се отстапува место во јазикот, односно за секоја ситуација се користи глаголот подготвува. Една од причините поради која се случува ова е појавата наречена јазична економија, односно тенденцијата на зборувачот да подведе повеќе форми под една, занемарувајќи ги нијансите во значењето.

На пример, храната секогаш се приготвува.

Примери:

Марко знае да приготвува разни специјалитети од месо и зеленчук.

За вечера ќе приготвам пилешко во сос од кари.

Но, и покрај тоа, во рецептите многу почесто се среќава подготовка, наместо приготвување на јадењето.

Глаголот готви, како основен од кој се изведени префиксираните што ги спомнавме, има пошироко значење и освен тоа што секојдневно го употребуваме (готви храна), се среќава и во значење што е поблиско до подготвува, спрема..

Пример:

Тој се готви да тргне на пат.

Тука уште би спомнале и дека глаголот спрема, кој значи врши подготовки и може да се најде во значење на секој од глаголите што претходно ги спомнавме, дел од јазичарите го сметаат за србизам. Нашиот став е дека тоа е последица и остаток од некои минати, пуристички времиња и оти е неосновано исфрлен, а многу присутен кај зборувачите. Очекуваме да го видиме во петтиот том на Толковниот речник, кој треба наскоро да биде објавен.

1 коментар:

  1. Имам неколку прашања:
    1. Дали е во ред да се користи индиректна заповед за второ лице еднина или множина?
    2. Дали Српска држава или српска држава? кога се мисли на наслов на лекција по историја на пример.
    3. Плакар или плахар?

    :) ви благодарам...

    ОдговориИзбриши