23.5.2011

И многу „штедење“ не е на арно

сподели на пинг

Јазична економија е термин што означува тенденција луѓето да користат што е можно помалку јазични средства при изразувањето или, пак, повеќе форми да ги подведуваат под една. Во разговорниот јазик тоа многу често поминува сосема природно, но во пишана варијанта може да предизвика и недоразбирања од различен размер. Во пишана форма, но и во говорената, при формални обраќања, всушност секаде освен во разговорниот јазик, јазичната економија не е пожелна.

Ќе наведеме три ситуации во кои „штедењето“ зборови не е прифатливо. Во некои од нив може да пренесеме погрешна смисла, но доволeн е и фактот што на овој начин се снижува стилот на изразувањето.


Забелешка: Бидејќи го употребивме зборот смисла, надвор од денешната тема, ќе ја искористиме пригодата да нагласиме дека ова е единствената точна форма на овој збор во нашиот јазик. Смисол е погрешно и е резултат на хиперкоректност, под влијание на српското смисао. За полесно да запамтиш, сети се дека кај нас се вели мисла (наспроти српското мисао).


1. Јазична економија се случува кога одредени јазични средства треба да се повторат поради тоа што се среќаваат кај два или повеќе зборови во реченицата. Такви се примерите со повторувањето на да-конструкцијата, на формата „се“ во пасивни или повратни конструкции или на кратките заменски форми.


Примери:

Договорено е ситуацијата да се набљудува и следи.

Отстранете ги и исчистете оштетените делови.


Во првиот пример е „заштедено“ да се пред глаголот следи, а во вториот таква е ситуацијата со кратката заменска форма ги по исчистете. Во свеста на зборувачот нема потреба од повторување и доволно е што еднаш се употребени, во случајов пред набљудува, односно по отстранете. Но, не е така. За да бидат јазично исправни овие примери, потребно е повторување на јазичните средства што ги споменавме.


Примери:

Договорено е ситуацијата да се набљудува и да се следи.

Отстранете ги и исчистете ги оштетените делови.


2. Втората ситуација е кога во набројување имаме различни видови именски групи, со придавка и развиени.


Пример:

Таа купи чоколаден сладолед и од ванила.


Во примерот е изоставено повторување на именката сладолед во именската група сладолед од ванила. Причините се истите што веќе ги споменавме, како и решението - наместо да се штеди, да се повтори јазичното средство.


Пример:

Таа купи чоколаден сладолед и сладолед од ванила.



3. Како трета група ќе ги посочиме предлозите, односно нивната употреба/изоставање во реченица во која има набројување. Правилата на македонскиот јазик наложуваат дека во ваковв контекст, потребно е предлогот да се употреби и пред последниот член во низата на набројувањето, иако на зборувачите им е најлесно да не го прават тоа. Ова е особено важно доколку реченицата е покомплексна и содржи повеќе различни низи со набројувања, па ако се изоставени предлозите, може навистина да не се пренесе саканото значење.


Примери:

Минатата година ја помина во патувања, беше во Кина, Австрија и Германија.

Се додава маргарин во садот со смесата и јајцата и млекото во прашокот за шлаг.


Треба:

Минатата година ја помина во патувања, беше во Кина, Австрија и во Германија.

Се додава маргарин во садот со смесата и во јајцата и млекото се додава во прашокот за шлаг.


Во последната реченица со испуштањето на предлозите многу тешко се разбира што е идејата. На пример, во првата варијанта (Се додава маргарин во садот со смесата и јајцата...) излегува дека смесата што се спомнува и јајцата се наоѓаат во еден сад во кој се додава маргарин. Но, тоа што сакавме да го кажеме е дека смесата се наоѓа во еден сад, а јајцата се во друг и во секој од нив се додава маргарин. За да се постигне тоа значење, треба да се употреби втората варијанта од примерот.

Тука дополнително имаме и испуштање на глаголот „се додава“, кој веќе е употребен понапред во реченицата. Сепак, за да си сигурен дека ќе бидеш прецизно разбран, подобро е да не штедиш ниту на глаголот. И, секако, имај предвид, дека во реалниот живот штетата од непрецизното изразување може да биде поголема отколку расипан рецепт.

20 коментари:

  1. Анонимен23 мај 2011 12:06

    Во конструкцијата „Дојдоа (за) да се поздрават“ (и сите вакви слични), дали „за“ може да се исфрли или мора да стои како дел од реченицата?
    Фала однапред.

    ОдговориИзбриши
  2. Савовска24 мај 2011 08:23

    Да, може да се исфрли, затоа што ,за да, е сврзник за целни реченици, а во нив може да се употребува за да (заедно), но и само да. Што мислат Маја и Бисерка?

    ОдговориИзбриши
  3. Анонимен25 мај 2011 22:25

    Маја и Бисерка се штедат ;)

    ОдговориИзбриши
  4. Бојан, лектор по македонски јазик27 мај 2011 13:16

    Во секој случај можат да се употребат и двата сврзника. Во овој случај, и да и за да се сврзници за целни реченици, а и реченицата со двата сврзника би била во ред. Мислам дека тука не би требало да има некој проблем.

    Поздрав

    ОдговориИзбриши
  5. Анонимен11 јуни 2011 06:21

    Поздрав до авторките. За една вечер го открив блогов и го исчитав ЦЕЛ. :)

    Само еден коментар (засега) и предлог поврзан со него: Дефинитивно Диселдорф, не Дизелдорф. Според Иван Клајн, второто се наметнало по логиката дека постои дизел гориво. Можеби сте премногу млади да читате НИН (на времето).

    Предлог: СЕКУНДАРЕН ЛЕПАК (ЛЕПИЛО). Тука имате материјал за еден дебел пост. Иако звучи неверојатно, сѐ уште многу се употребува меѓу народот во онаа најбаналната форма.

    Поздрав пак :)

    ОдговориИзбриши
  6. Анонимен19 јуни 2011 20:36

    Нов пост кога? :)

    ОдговориИзбриши
  7. :)) Здравје од септември. Ќе одмараме летово :)

    ОдговориИзбриши
  8. 1. Ги молиме сите што имаат јазични прашања, да ги поставуваат во коментари, а не по мејл. Мејлот е за личен контакт кога некој има потреба од лекторски услуги. Не можеме на сите поединечно да им одговараме приватно. На крајот на краиштата, тоа се плаќа.
    2. Уште побитно, нема поента да се поставуваат (и да се одговараат) прашања што може да се проверат со отварање на речник или правопис. Ако не можеш да најдеш решение или ако имаш дилема, тогаш постави го тука прашањето.
    Благодариме за разбирањето

    ОдговориИзбриши
  9. Анонимен22 јули 2011 15:02

    Вие сте?

    https://www.facebook.com/profile.php?id=100001618286032

    ОдговориИзбриши
  10. Не, немаме врска со таа страница

    ОдговориИзбриши
  11. Анонимен24 јули 2011 12:17

    Здраво,
    не знам дали пишувам во точната рубрика но дали може некој да ми каже дали „испрасти Недела“ е србизам и што точно значи?
    п.с. се користи во велешкиот дијалект.

    ОдговориИзбриши
  12. Не ми е познат изразот, не знам што значи

    ОдговориИзбриши
  13. И многу пауза не е на арно :)
    Ве чекаме со нови постови :)

    ОдговориИзбриши
  14. Hi Majakoala have added you to the Macedonia page on PocketInfo. Thanks Robert

    ОдговориИзбриши
  15. Едно прашање...Дали кратенките на валутите мора да се пишуваат на кирилица или може да останат на латиница, на пример EUR, USD, AUD...Има ли некое правило?
    Merci :)

    ОдговориИзбриши
  16. Насекаде се слуша ЕКОЛОГИСТ. Правилно би било ЕКОЛОГ. Аналогија: психологија - ПСИХОЛОГ, гинекологија - ГИНЕКОЛОГ, АСТРОЛОГИЈА - астролог итн.

    ОдговориИзбриши
  17. Зошто само ПРАКТИКА, а не и ПРАКСА (практика дојдено од француски, а пракса од латински јазик).

    ОдговориИзбриши
  18. Едно економично и разбирливо решение...

    Таа купи чоколаден и сладолед од ванила.

    ОдговориИзбриши
  19. Дај вратете се, вака не бива...

    ОдговориИзбриши
  20. Не се согласувам со мислењето дека јазичната економија не е пожелна. Па елипсата е една од најважните кохезивни врски.

    ОдговориИзбриши