29.2.2012

За госпоѓиците, феминативите и за етикетите

сподели на пинг

Најпрво, извинување што нѐ немаше толку долго. Особено оправдување немаме, освен дека малку приватни, малку професионални обврски нѐ оддалечија од Лектор. Желбата за пишување си беше присутна цело време, а поводот за враќање токму сега (освен тоа што зедов некој ден лански одмор) е текстот „Ме барате за работа или за жена?!“ објавен во денешна „Нова Македонија“ за употребата на термините госпоѓа и госпоѓица и за сексизмот во јазикот.

Пред да почнам со тоа што имам да го кажам - да кажам дека не се сметам себеси за феминистка. Противник сум на дискриминација и етикетирање по секоја основа. Во мојот систем на вредности, луѓето (и мажи и жени) не се занимаваат со докажување ниту на мачизам ниту на феминизам (бидејќи тоа би требало да е надминато уште во некое друго време - иако не е). Наместо тоа, целта им е повисок квалитет на сопствениот живот, процес во кој позитивно се менуваат себеси и околината. Нема подлабоко да навлегувам во идеологии, бидејќи, нели, ова е блог за јазикот.

Тоа што ме испровоцира да ја забришам прашината од блогов се двете јазични прашања опфатени во споменатиот текст - јазичната присила да се открие брачниот статус и употребата на феминативите (именки од женски род што означуваат професија).


Претседателка, и тоа горда

Тоа што повеќе ми го привлече вниманието во текстот отколку главната тема, госпоѓиците, се ставовите изнесени во врска со употребата на феминативите. Една од соговорничките тврди дека употребата на женски род од именките што означуваат професија/функција претставува етикетирање и дискриминација на жената.

Повторно нема да навлегувам во идеологии, но ќе се обидам да го поткрепам својот став, спротивен на овој, со неколку јазични аргументи.


1. Категоријата род во македонскиот јазик разликува машки, женски и среден род, кои се важни синтаксички (од аспект на реченицата) и семантички (од аспект на разликувањето на природниот и на граматичкиот род). Кога таа категорија веќе постои во јазикот, не може да се игнорира и апсурдни се обидите професиите и функциите на лица од женски пол да бидат подведени под општата употреба на машкиот род, типична за јазици што имаат категорија род. Таа употреба е прифатлива само кога зборуваме генерички за професијата или за група што опфаќа лица од двата пола.


Пример:

Функцијата претседател (на што и да е) бара голема одговорност.

Наспроти тоа:

Претседателот Петровски е одговорна личност.

Претседателката Петровска е одговорна личност.


2. Човек не означува маж. Означува суштество од родот хомо сапиенс, без оглед на полот, и ги содржи во себе поимите маж и жена, како што е и на повеќе други јазици. Тоа што е од граматички машки род, веројатно, повеќе го доближува до подмножеството од природен машки род.

Примери:

мак. човек - маж - жена

англ. human - man - woman

рус. человек - мужчина - женщина

...

Во овој контекст, да ја дообјасниме претходната точка. Именките што означуваат професија може да се однесуваат, на пример, на човек-професор (општо на професијата) или професор и професорка (на маж односно жена со таа професија). Кое значење и која форма ќе се употреби, зависи од контекстот.

Можеби поимот човек во минатото се употребувал и во значење маж, но тоа е одамна надминат момент. Впрочем, во стариот јазик и зборот дете се користел да означи само машко дете, женското било девојче. Сега дете означува мало од човек, независно од полот, а во себе ги содржи поимите момче и девојче.


3. За синтаксичките проблеми што се случуваат со избегнувањето на феминативите веќе сме пишувале. Прочитај тука.


Генеричка употреба на именката

Настрана од сексизмот во јазикот, ќе споменам уште една појава поврзана со родот (и со бројот): во голем број случаи генеричката употреба на именките не им е доволно експресивна на зборувачите, па непотребно ги нагласуваат нејзините подмножества.


Пример:

(во стручен текст каде што се зборува општо за пациенти)

Во таков случај пациентот или пациентката треба да биде подложен односно подложена на итна операција.

При таква скршеница или скршеници неопходен е гипс.


Апсолутно нема никаква потреба од посебно нагласување (што е многу чест случај во стручна литература) дека може да станува збор и за машки и за женски пациент, како што нема потреба да се потенцира можноста да има една или повеќе скршеници.

Како што машкиот (граматички) род има генеричко значење што ги опфаќа и машкиот и женскиот пол (природен род), така и броевите еднина и множина може да се однесуваат и на еден конкретен поим и општо на групата означена со поимот.


Пример:

Кучето е најдобар пријател на човекот.

(не значи конкретно куче туку кучињата воопшто)

Уште полошо и погрешно е означување на овие примери на следниов начин:

При таква скршеница(-ици)....; скршеница/ци....; скршеница(и); скршеница/скршеници(-та/-те)...

Пациентот/(-ката)...; пациентот/ката итн.


Госпоѓа или госпоѓица VS господин

Што се однесува на укинувањето на госпоѓиците, на оваа тема немам што многу да додадам на тоа што веќе го кажале авторката и соговорничките во текстот. Накратко - оваа јазична присила е остаток од некое друго време, друга идеологија, застарен систем и нема зошто да продолжи да функционира и во македонскиот јазик. Во ниеден службен документ и во ниедно официјално обраќање не треба да биде важен брачниот статус на жената. Прво затоа што тоа не влијае на нејзините професионални способности или на тоа каква личност е. И второ, затоа што никој не го легитимира според бурмата нејзиниот машки колега.

Тоа што треба да се направи е едниот од овие термини (госпоѓица) да се испрати во историјата, меѓу архаизмите, бидејќи веројатно воведување на трет неутрален (по примерот на англиското неутрално Ms наспрема Miss и Mrs) би барало поголем напор за прифаќање кај зборувачите.

Уште една можност беше посочена од Ели Пешева во коментар на Фејсбук: според протоколот, малолетните се госпоѓици, а полнолетните стануваат госпоѓи независно од брачниот статус. Полнолетството, секако, е подобра варијанта од етикетирање според брачниот статус, но пак останува прашањето зошто има потреба од тоа кога господинот си е господин и на 17 и на 37 и на 77 години.


П.С. Ве молиме, сите јазични прашања поставувајте ги како коментари. Така може да добиете одговор и од други јазичари што го посетуваат блогот, ако ние не сме во можност да ви одговориме. Мејлот е оставен само за контакти за потенцијални ангажмани - не одговараме прашања по мејл

18 коментари:

  1. Многу се радувам на вашето враќање (и затоа ќе ви го простам „земав“ наместо „зедов“).
    Поздрав

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Прво па машко :). Поправено. Фала за исправката :)

      Избриши
  2. Анонимен07 март 2012 15:13

    Почитувани, ми се бендиса текстот. Но, имам една дилема. Имено, го почнавте текстот со "најпрво...". (Прв, попрв и најпрв??? Џабе си прв, кога всушност си трет!? :-)) Најпрво многу често се користи, а најнапред некако се заборави... Мислам дека посоодветно е најнапред, наместо - најпрво. Поздрав и благодарам за убавите текстови.

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Авторот го отстрани коментаров.

      Избриши
    2. Редниот број „прво“ во суперлатив гласи „најпрво“ и има и прилошко значење во една реченица. Оттука постои и изведенка „најпрвин“. Може да се користи и суперлативот „најнапред“ од предлогот „напред“ во прилошка или просторна конотација.
      Избегнувај да ги распоредуваш зборовите како „посоодветни“ или „поисправни“. Во прашање е стилот на писателот и тука не треба да има дилеми. Сите овие прилошки облици се македонски синоними и секој може да ги употребува по сопствена желба онака како што нему му/нејзе ѝ одговара при пишување.

      Избриши
  3. Прво мило ми е што по долго време повторно можам да прочитам нешто напишано од Вас. Ми се допаѓа темата и благодарам што преку текстот одговоривте на една моја дилема во врска со тоа како да преведам кога на англиски се дадени еднинска и множинска форма од именка, како во примерот со скршеница.

    Со задоволство ќе ги читам идните текстови на Лектор.

    Голем поздрав.

    ОдговориИзбриши
  4. Ги собрав сите текстови од блогов во еден документ - 147 страници :) Слободно можете да објавите научен труд :)

    ОдговориИзбриши
  5. Потполно се согласувам со укинувањето на госпоѓиците, но јас би отишол еден чекор понапред и би предложил укинување и на господин и госпоѓа.Мене, како на атеист, ми смета кога ми се обраќаат со господине, затоа што јас не му припаѓам на т.н. господ.Ни треба еден неутрален термин кој ќе ги вклучи сите граѓани и граѓанки, без обзир на верската или неверска припадност. Предлози?

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Зборот „господин“ е многу стара сложенка која во себе ги користи зборовите „гост“ (соодветствува со лат. hospes) и „под“ (од ИЕ *potis). Значи во поглед на семантиката, има значење на „туѓинец кој е моќен“, во слободен превод. Оттука, зборот „господин“ не значи дека некој му припаѓа на Господ, значењето на овој збор нема религиска конотација.

      Избриши
    2. Дабижив16 мај 2012 00:21

      Не навлегувајќи во изворното значење на зборот, повеќе од очигледно е дека во свеста на говорителот господин се поврзува со господ, слично со владин, Рацин, владикин кои се поврзуваат со влада, Раца и владика. Едноставно господин зрачи од себе господ-бог или оној кој му припаѓа нему.

      Избриши
  6. Анонимен18 април 2012 20:27

    Бог да чува. Ај земи мењај го јазикот од корен, направи мешавина од латински, чешки, фарси и свахили и таму стај си збор за господин што во коренот го нема зборот Господ.

    ОдговориИзбриши
  7. Тешко се прифаќаат промените, знам, не е лесно да се напушти удобноста на непроменливоста, или барем нејзиниот привид. Но, ако нешто не научил животот, тоа е сознанието дека се се менува ( освен конзервативците кои мислат дека стојат на истите ставови, но сепак се движат напред, пополека од останатите). Зар не бевме сведоци, кога со доаѓањето на демократијата, се откажавме од обраќањето со другар и другарка. Јас велам дека е време за ново „мењање“ во обраќањето во едно современо општество во кое сите ќе бидат вклучени.

    ОдговориИзбриши
  8. Анонимен12 мај 2012 21:04

    Почитувани, имам една молба. Како лектори поупатени сте од мене во одговорот на прашањето: кaко правилно се пишуваат параграфите во македонскиот јазик? Каде можам да прочитам такво правило или правила?

    ОдговориИзбриши
  9. Анонимен16 мај 2012 07:38

    http://unustamatubg.wordpress.com/2012/05/12/%D0%B7%D0%B0-%D0%B3%D0%BE%D1%81%D0%BF%D0%BE%D1%93%D0%B8%D1%86%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D1%84%D0%B5%D0%BC%D0%B8%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B8%D0%B2%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%B8-%D0%B7%D0%B0-%D0%B5%D1%82%D0%B8%D0%BA/

    ОдговориИзбриши
  10. Ви благодарам за објаснувањето дека „машкиот (граматички) род има генеричко значење што ги опфаќа и машкиот и женскиот пол“. Јеее! Сега слободно ќе можам да ја игнорирам политичката коректност (родова) во пишувањето и обраќањето.
    Во врска со прашањето г-ѓа или г-ца, пред неколку години Радмила Шеќеринска предложи неутралната форма г-а да ги замени двете форми (не знам како ова би се изговарало), по моделот на англиското Ms. Ми се допаѓа и предлогот полнолетството да биде преодот од г-ца кон г-ѓа, има многу смисла. Инаку, архаичен еквивалент на г-ца за машкиот пол е „млад господин“. Што значи, неточно е дека нема ваква разлика кај обраќањето кон мажите, има, само што од некоја причина сме престанале да ја употребуваме...
    А до „атеистот“, тоа што господин е многу тешко да се издвои од Господ и тоа во многу јазици, нели нешто кажува? :)

    ОдговориИзбриши
    Одговори
    1. Освен ако не е шега, нешто не си разбрал околу генеричката употреба :) Не можеш да ги игнорираш родовите (не сфаив точно на што мислиш под политичката коректност во случајов). Ако не е тука објаснето доволно, ѕирни повеќе и постручно во Синтаксата на Ѓуркова. Поздрав :)

      Избриши
  11. Браво за текстов! Корисно за читање и се согласувам потполно со секое Ваше мислење.

    ОдговориИзбриши