11.10.2012

Дефект(ив)но (ен)кодирани

сподели на пинг

Можеби една од најексплоатираните максими на денешницата е мотото на минимализмот - „Помалку е повеќе“ (Less is more). Но, и покрај таа сеприсутност (или барем така нам ни се чини), сѐ уште е мошне голем бројот на тие што не ја разбираат поентата (онаа пошироката, што излегува од рамките на минимализмот).

Со најпрости зборови, а во контекст на јазикот тоа би било:
Не може сложениот начин да се каже една иста работа да биде подобар од едноставниот. Со непотребното усложнување на изразот не звучиш попаметно и постручно, туку вештачки и посмешно и само ѝ го отежнуваш патот на информацијата до примачите на кои им е наменета.

Кога зборуваме за јазикот, ова важи на сите рамништа - од највисокото, стилот (на пример, висок стил на научно-истражувачки симпозиум изгледа сосема поинаку од чепатење искажано во статус на Фејсбук), па враќајки се назад до зборообразувањето.

Веќе сме зборувале за несоодветното приспособување на зборовите што ги преземаме од туѓи јазици, како и за насилно извитоперување (под туѓо влијание) на зборови што се веќе примени во нашиот јазик во дадена форма. Сепак, чувствуваме потреба уште еднаш да нагласиме неколку примери, кои во последно време ги среќаваме и премногу често. Тоа се зборови што одамна постојат во македонскиот јазик, а во поново време... некој добил желба да ги „модернизира“.


кодира вс енкодира
доминира вс предоминира
дефектен вс дефективен


Нема ниту едно прифатливо објаснување зошто би ги употребувале примерите од втората колона. Најпрво, нема никаква разлика, дури ни поинаква нијанса во значењето во однос на примерите од првата колона.
Очигледно е дека вториве се производ или на јазичната дембелана (некој преведува или чита англиска литература, па кога го интерпретира тоа што го прочитал, полесно му е да си се држи за формите што ги прочитал - encode, predominate, defective) или на нечија желба да звучи попаметно. Да не се повторуваме, но не звучи попаметно.

7 коментари:

  1. Одговори
    1. Еден од многуте прифатени латинизми :)

      Избриши
    2. Анонимен04 мај 2013 04:03

      Мислам дека наместо „вс“ треба да се напише „наспроти“. Скратеницата „вс“ не знам дали се користи во македонскиот стандарден јазик.

      Избриши
    3. Еден од многуте прифатени латинизми?! Од кого?

      Избриши
  2. Анонимен19 јуни 2013 21:08

    кај нас мислам дека е прифатено кодира наспроти декодира, а во суштина кодира ги содржи и двата процеса, односно енкодира наспроти декодира

    а тоа го вика и:

    https://en.wikipedia.org/wiki/Code

    ОдговориИзбриши
  3. Јас не би се согласил за првиот пример, поради фактот што во различен контекст од информатиката кодира би се искористил за различни процеси.
    - Програмер би кодирал (пишувал код) - процес на кодирање на програмата, што не значи дека е потребно декодирање
    - Во друг контекст, програмата би енкодирала (преведување од една нотација во друга), процес на енкодирање за кој мора да постои соодветен процес на декодирање.
    Со користење на “кодира“ во ист пасус:
    “Откако е комплетирана фазата на дизајн, започнува фазата на кодирање на решението. Резултатот од имплементацијата се очекува да е програма која што кодира видео во mkv формат."
    Јас би напишал “програма која што енкодира видео во mkv формат“ за да нагласам дека се работи за процес кој е различен од првиот.

    ОдговориИзбриши
  4. Се согласувам со претходинкот. Не само во информатиката, туку и и во генетиката „енкодира“ и „кодира“ имаат сосема различни значења. Има голема разлика помеѓу „гени што кодираат протеини“ и „гени што енкодираат“ протеини“ ;-)

    ОдговориИзбриши